Мојот уред функционира сомнително

Нападите на злонамерен софтвер се поразвиени и станаа многу пософистицирани со текот на годините. Овие напади претставуваат повеќе различни закани и можат да имаат сериозни импликации врз вашата лична и организациска инфраструктура и податоци.

Нападите на злонамерен софтвер имаат различни форми, како што се вируси, фишинг (phishing), софтвер што бара откуп (ransomware), тројанци и rootkits. Некои од заканите се: паѓање на системи, кражба на податоци (т.е. чувствителни податоци за профил, финансиски информации, најавувања на банкарска сметка), напаѓач што ве уценува да платите откуп со тоа што ќе ја преземе контролата врз вашиот уред, или ја презема контролата врз вашиот уред и ја користи да изврши DDoS напади.

Некои методи што обично ги користат напаѓачите за да ве изложат на ризик и да ги компромитираат вашите уреди, личат на редовни активности, како на пример:

  • Е-пошта или објава на социјалните медиуми што ќе ве искушат да отворите документ испратен како прилог или да кликнете на линк.

  • Вршење притисок врз луѓето да преземаат и инсталираат софтвер од недоверлив извор.

  • Вршење притисок врз некого да ги внесе своето корисничко име и лозинка на веб-страница што е креирана да изгледа легитимно, но не е.

Оваа секција од Дигитален прибор за прва помош ќе ви покаже неколку основни чекори преку кои може да откриете дали вашиот уред има злонамерен софтвер.

Доколку мислите дека вашиот мобилен телефон или компјутер не функционираат добро, тогаш најпрво треба да размислите за „симптомите“ што уредот ги покажува.

„Симптомите“ што обично можат да се толкуваат како сомнителна активност на уредот, но честопати не се доволна причина за загриженост вклучуваат:

  • Звуци на кликнување за време на телефонски разговори
  • Неочекувано празнење на батеријата
  • Зголемување на температурата на уредот додека не е во употреба
  • Бавно извршување на зададените операции

Овие „симптоми“ честопати погрешно се перципираат како сигурни индикатори за загрижувачка активност на уредот. Сепак, секој од нив не е доволна причина за загриженост.

Сигурни „симптоми“ што ги покажува еден компромитиран уред се следниве:

  • Уредот често се рестартира сам
  • Апликациите се затвораат, особено по внесување на податоци
  • Ажурирањето на оперативниот систем и/или безбедносните ажурирања постојано не успеваат
  • Светлото што е индикатор за активност на веб-камерата е вклучено додека веб-камерата не е во употреба
  • Постојана појава на "Blue Screens of Death" или „кернел паника“
  • Трепкање на прозорчињата
  • Предупредувања од антивирусот